Многу чудно ми доаѓа постов кој го пишам. Многу. Никогаш не ни помислував дека блогирањето некогаш ќе стане помината активност во мојот живот. Мислев дека вечно ќе сакам да блогирам. Но, ете не било така.
Дојде моментот да се опростам од ова место. Едноставно не можам да се поврзам со новиов блогерај. Не ми оди, а пробував од со целото мое срце. Оти љубовта таму ми беше, во срцето. Мислев дека ќе ми е особено тешко да се решам на овој чекор, но освен одлагањето кое траеше неколку месеци, не осеќам ништо друго. Никаков недостиг, никаква тежина, никаква болка.
Едноставно го снема задоволството. Сега, кога ќе ме прашаат кое ми е хобито, никако не ми ни текнува на блогирање. Одложував, со надеж дека е само период, но испадна дека не е така. Не дека се нема инспирација, туку се нема задоволство да се блогира.
Многу голема причина за да се решам на овој чекор е и фактот што, си отиде старата гарда со која најпрво започнав да комуницирам кога ги правев моите први постови. Да не ги набројувам, знаат кои бевме. После нас, мислам дека не забележав толку голема група на сложни блогери. Не дека нема, ами во помали групи се, некако расцепкани.
На блогерајов му предвидувам полека но сигурно одење кон амбис, бидејќи квалитетно, да бидеме реални, е многу послабо од колку пред да ја добиеме глупавава модерна, со триста тракатанци платформа. Мислам дека таа беше врв на се. Он нет се постра кога ни ја одзеде старата добра, забавна, едноставна платформа. Таа беше најдобра.
Ви посакувам се најдобро. Тие што имате сеуште жар, пишувајте. Овде сеуште има блогери кои го одржуваат тој блогерски дух,но се се помалку и помалку. Искрено, се надевам дека ќе дојдат некои подобри денови кога блогерајов ќе се врати на старите патеки.
Ми беше многу забавно и убаво овде. Тука поминав многу време и не жалам. Неколку годишното блогирање и читање на други блогери ме направија подобра личност. Ова е вистина, не бладам. Научив и сватив некои работи, кои на друго место не би имал привилегија да ги дознаам.
Ви посакувам се најдобро
Yo Blow
